Monday, October 31, 2016

Траги од иднината

Kога не си обичен
И кога сините облаци некогаш ти се сиви
Кога белото ти е црно
И обратно
Кога имаш насмевка за сите, освен за себе
Кога си налик дворските шутови во кралски дворци
а имаш уморна душа и уморно срце
носиш траги
од минато, сегашност и траги од иднина
Да, некогаш и иднината остава траги
Јас создавам иднина во моите мисли

Кога некогаш сите далечини ти се така блиски
Чиниш на дофат на раката
Посегаш, и нема ништо
Празни далечини
И некое сивило кое убива
Измешана фикција со реалност
Некој друг свет кој постои, и потоа исчезнува со брзина на светлината

Насмевка. Постојано.
Оти таа е најдобра илузија.
Никогаш нема да знаеш колку тага се крие под неа
И колку мозочни виуги биле активни сите минати ноќи
И колку иднини создале во мене
Роман можам да испишам
Јас создавам иднина во моите мисли


Нов ден.
Вклучувам слушалки
Не постои нешто позаплеткано од моиве слушалки.
Ок, можеби мислите.
Ок, можеби виугите.
Ок, добро, можеби животов.


Ќе биде убав сончев ден, кажаа на радио.

Пајажина

Дува ветер.
Замаена стојам на едно од многуте пенџериња
Секое влакно своја политика
Прашинка и пајажина на ќошот од пенџерето
Не сум исчистила.
Гајле ми е.
Мене животот не ми е исчистен, а не пенџерето
Мисли растрчани, несредени, мислиш за маратон се спремаат
Секоја со број чека на стартната линија
Да фати правец, да истрча прва
Небаре ќе направи следната да исчезне
Пробувам да ги исчистам
Како кога низ цедалка истискуваш сок од портокал
И внимаваш раска да не ти падне
Неуспешно

Ти, што ме гледаш?
Не си видел бушава коса и бушави мисли?!
Во тишинава провејува болка
Мислев сум заборавила
Заборавив на кратко
Сè заборавив
Лажам

И не доаѓај од никаде пак
Не ми ги мати мисливе
Животов

Си ме прашал ли некогаш што сакам
Од каде енергија за толку мисли
За толку пати изговорено здраво
Поим немаш
Јас, каде сум јас?
Да, јас, добро слушаш!!!
Што сакам јас?

И кој си ти да ми кажуваш како треба, а?
А, кој си?
Живот?! Чудо големо.
Да не сум ти јас, ти нема да бидеш живот.
Ти нема да бидеш ништо.

И знам, пак нема да исчистам.
Ќе останам со заматени пенџериња
И заматен ум
Со пајажини, пајаци и
уловени инсекти кои се борат со мрежата
Неуспешно

Исфрлена

Исфрлена од колосекот на
Мојата егзистенција
Барам спас во некој нов зачеток
Ембрион на нов грев
Завршеток на стариот грев

Очајно гледам демони и крв
Стискам грутка во срцево
Коски од животни и луѓе
Крцкаат под ѓонот на моиве чевли

Дух на постоењето
Дух на умирањето
Барам дух на вечноста
За да бидам со тебе

Барам само минута
Секунда една
Од Универумот во кој лежерно отчукува светскиот часовник

Новиот грев, тоа си ти,

Стариот грев, тоа е моето досегашно бесцелно постоење.

Сон

Колку ли само ноќи си ми доаѓал во сонот
И колку само сум пружала раце да те допрам
А потем чиниш јаве било, а не сон
Секој дел на лицето ти го милувам
Очите, носот, образите, усните
Косата ти ја милувам
А ти се смееш.

И се будам.
И главата ја заривам во перница
Стискам заби,  во мене грмотевици и торнада
 чиниш сите органи ќе се разнесат
Експлозија.
Срцето ми чука
Мислиш часовник ѕиден, онаков со пиле што испушта звук
И ќе излета секој миг

Ново утро. Рутина. Кафе на масата.
Голтка дур се лади. Отсутност во погледот.
Тука сум и не сум тука.
Како привид во реален свет сум.
Но, мојот свет е друг. Убав, а неубав.
Реален и нереален.
Посакувам да не си секогаш само сон.

Се прашувам дали ќе се сретнеме пак
Во некое време, во некоја друга димензија
Оти не си реалност. Или си!?

Треперење

Се сеќавам на деновите
Кога ќе ме преплавеа чувства
Како мало дете
Треперев
Душава трепери
Чувствува
Се сеќавам колку исполнетост и немир
Имаше во мене
Немир како во дете со нова играчка
Срцево небаре ќе излезе
Мислиш неколку срца имам
А едно е.

Се затворав во себе некогаш
Збор еден не проговарав
Некогаш насмевки еден тон
Небаре светот на дланка го имам
Паметам
Немир
Мислев никогаш повеќе
Ко мало дете
Сè уште треперам како дете
Прегратка мајчина кога прима

Никогаш не пораснав
Зашто ако пораснам ќе сум мртва

Не ќе сум жива ако не треперам.

Згрутчена како засирена крв

Згрутчена како засирена крв
Клопче кое полека се одмотува
Нишка
Последен лист на гранка
Мразулец на студен ветар
Губитник на светов.

Од дупка ѕиркам и барам спас
Се мешам со безброј други
Пропаѓам во бесмислен свет
Свет на глупаци.
Свет на губитници.


Сите сте исти.

Чарли


Чарли, нели ќе летавме?
Имаш ли Чарли килим магичен
или ме лажеше Чарли

Помниш ли Чарли
кога ти реков
ајде  да прошетаме
во парк, кафе да земеме
кафе со вкус на лешник.
Рече:
не пијам јас такво
само еспресо и нес

Помниш  ли  Чарли
како ми трепери раката
кога палам цигара

Чарли
само ти знаеш
колку сум среќна
колку сум тажна
само ти знаеш кога косата ми има нова боја
само ти ме сфаќаш
само ти ми зборуваш
некогаш чудно и смешно
весело и тажно




само за тебе сум различна
само за тебе сум друга
само за тебе сум една

Чарли
Ти се смееш најубаво на свет

Чарли
не вели ни збор
Тука си, знам, чуден
Таков каков што си
Не напуштај ме

Никогаш...
Because Charlie is making me smile...


  *    *    *

Часови. Некогаш денови има
кога Чарли го нема
горчина, мислиш пелин во устава
Не, во душава пелин.
Гочлив, дури реже како со нож да си режеш по телото
како кал со гранки да џвакам.
Ете така горчлив.

Кал со гранки? Запраша.
Чарли ти си?
Кал со гранки, прашав?!

О, Боже зошто вака?

Како? Запраша.
Чарли ти си?
Како, прашав?!

Векови како да минат.
Соништа.
Обоени во боја на сонце.
Мислиш жолта е бојата на сонцето?
Не, не е.
Сонцето ги има сите бои
Само нема црна.
Затоа што јас не сакам црна.

Мечтаам. Копнеам. Сонувам. Љубам.

Чарли, каде си?
Каде си Чарли?

Соништа.
Во недоглед.

Пробај да не мислиш

Пробај да не мислиш, ќе речеш.

Да гушкаш депресија
Не знаеш како е
Онака силно прегрнати да седите
Со часови, со денови
Ти и таа,
Гушкаш, а ти студи
Како по снег да лизгаш
По фустан
И без гаќи.
Е, така студи.

Се наежив, ќе речеш.
Мислите ми се ежат кога мислам, не кожата
Душата ми се ежи
А душа кога се ежи, тоа опасно е
Оти не се одежува

И што ти се важни тебе моите мисли
И што ти е важна тебе мојата душа
Наежени
Никому добро не носат

Пробај да не мислиш, ќе речеш.


Обично чуден, посебно обичен

Обично чуден
Посебно обичен
Дали си?
Некогаш и јас не знам што значи тоа.
А го кажав.
Да, јас го кажав.

Чудно ги запоседна моиве мисли, срце, тело.
Те доживеав. Така. Некако. Целосно.

Чуден можеш да бидеш на милион начини.

Чудно да гледаш
Чудно да зборуваш
Чудно да изгледаш
Чудно да љубиш или не љубиш
Чудно да молчиш.
Најчесто молчиш.
Затоа си обично чуден, а посебен.
Мислам посебно обичен.
Обичен, а необичен.
Имаш жар во очите.
А, молчиш.
Имаш оган во душата.
А, молчиш.

Лузни оставаш. Баш онакви длабоки, секој да ги види.
А не сакам кога ме прашуваат што ми е.

Планина носиш рече. Онака, целата ја влечеш на грб.
Ти поверував.
Иако, длабоко нешто ми кажува дека не е само тоа.
Јас неколку носам. Планини.
Тешки, големи, раззеленети, со сета флора и фауна во нив.
И пак сум тука.

Не е важно, си реков. Ќе чекам.
Ќе чекам. Не знам до кога.
Ќе чекам, а ти колку сакаш биди чуден.
Обично чуден.
И посебен.
Посебно обичен.

Еј, не двоуми се.
Чудно љуби ме.
Обично.
Посебно.
Љуби ме.

Макар уште еднаш.

Љубови

Некои љубови немаат почеток
Некои љубови немаат крај
Некои љубови стојат и немо набљудуваат зад аголот
Некои љубови живеат во мене
Некои во тебе
Некои се само погледи
Некои љубови се само насмевки
Некои љубови се само страст и размена на течности
Некои љубови се бакнуваат скришно
Некои љубови се милуваат по косата во недоглед
Некои љубови прават да гориш
Некои љубови ти го земаат срцето
Некои љубови ти го маѓепсуваат телото
Некои ти ја обземаат душата
Некои љубови се хранат со солзи
Во некои љубови си ти
Ти си како сите љубови

Јас не сакам дожд

Јас не сакам дожд
Не, навистина не сакам
Некако сè ми е тажно тогаш
Дожд
Грст капки кои доаѓаат од никаде
Дожд
Можеби го сакам со тебе
Онака да се шушнам
Да те гушнам
Дур нè капе секоја капка
По главата
По телото
Дур се слева по лицето
Дур кошулата ти се мокри
Рамената ги оцртува
Раце ме обвиваат
Лицето ти е меко и влажно
Усните мокри
Се впиваат една во друга
Телата споени
Дур се впивам во тебе
Дур те примам

Дур те дишам

Голем збор

Волшепство на ноќта
Ѕвезди во длабочината на твоите очи
Милион цвеќиња од твоите усни.

Шаренило
Привид на празен свет
Само двајца

Љубов

Колку голем збор

Дојди

Затвори ја вратата.
Нека гори.

Дојди.
Поблиску.

Црвен кармин носам.
Размачкај го.
Небаре нешто слатко сум јадела
Ко дете со кришка леб во рака
Голем залак кога краде.

Дојди.
Поблиску.

Гушни ме.
Како тинејџери  што се гушкаат на автобуска станица
на -10
И не им е гајле
дали им се смрзнати рацете
и дали ги гледа бабичката што чека 24-ка
и не им е гајле
што раменуваат течности
и милијарда бактерии.
Оти гушнати се.

Дојди.
Поблиску.

Соблечи ме до гола кожа.
И кожата тргни ми ја
оти ме стега
оти тесно ѝ.

И душата слечи ми ја
оти немам другo за соблекување.
И бакнувај. Не престанувај.
Дур воздух не загубиме.

Дојди.
Поблиску.