Thursday, April 16, 2020

Те сонував


Те сонував.
Со сета твоја скромност те сонував.
Со сета твоја искреност.
Со сета твоја раскош од човек.

Внатрешен глас.

Ги скратив мечтите.
Надежта.
Како со нож жица кога ќе пресечеш и нема веќе течение на звуци
Како зборови кога ќе немаш или молчиш
Така. Баш така.
Или имаш
А не смееш да ги кажеш
А сакаш.
Очајно сакаш.

Мислите не можеш да ги пресечеш.
Лутаат.
Ни почеток ни крај имаат.
Ниту знаат кај патуваат и колку долго.
И до кога.

И гласот е доволен некогаш.
Да сонуваш.

Те сонував.
Со сета твоја скромност те сонував.
Со сета своја искреност.
Со сета твоја раскош од човек.

Monday, February 3, 2020

Еј


Еј
Најубавиот поздрав некогаш кажан
Еј
Најубава патувачка мисла
Која лебди во некој простор
И некое време
Минато, сегашно, идно

Еј
Мисла која не исчезнува
Еј
Себеси не можеш да се излажеш

Тука и сега
Или никогаш
Ќе биде никогаш
А како ќе биде ако е никогаш?
Никогаш не може да биде

А може ли никогаш да биде некогаш?
Во друг облик
И друг свет

Еј
Марфи!
Старо дртало!
Најдобар пријателу мој!
Од вчера не сме се виделе.

Tuesday, January 21, 2020


Ако еден ден ме напуштат овие мисли
И сивото стане бело
Ќе се присетам на твоето молчење
А во сета тишина
Како ехо
Почнав да те чувствувам блиску

Тишината можеш да си ја земеш
Не ми треба
Носи ја
Со сите нејзини зборови
Реченици
Мисли
Стихови
Приказни
Неискажани
Непишани

Ѝ забранувам да постои
Ме потсетува на зарѓан железен кревет
Со рапав крик на старост и чкрипење
На секое вртење на телото

Симфонија од мисли
Симфонија
Masterpiece
Master или piece
Што и да остана од мене

Monday, January 20, 2020

Не знам


Не знам зошто и не знам како.
Не знам
Не прашувај ме ништо
Впрочем
Не си ни тука да прашаш
А доаѓаш.
Не ми зборувај
Остави ме
Остави ме да халуцинирам

Лик со конфузија од мисли
Идеја за нова тетоважа
Нов белег
Хаос во главата
Хаос
Општ хаос
Мисловен
Чувствен
Секаков
Хаос

А секогаш се облекував во себеси
Оти јас поинаку и не знам

И сега што?
Кажи, сега што?

Знам ќе патувам вечно со мислите
И секој обид за рамнотежа ќе биде неуспешен
Молкот ќе ми го чуеш

Еј Чарли, јас летав.
А ти се смееш најубаво на свет.