Friday, August 11, 2017

Точка

Точка
Ставив точка
Мојата точка малку различна е
Наликува на запирка, оти моливот секогаш надолу влече една цртка.
Не сакам да е така
Ви се колнам
Само сакам точка да ставам
Јасна точка
Обоено кругче внатре
Да затворам страница
Тефтерот да го затворам
Чувствата да ги затворам.
И после точката да немаат каде

Еден тон нешта раскажав за тебе
Пишував и пишував
За сите тишини и бури
Го сменив и моливот
Пробав
Не оди

Точка на вриење
Тоа е температура на која парниот притисок на течноста
е еднаков со притисокот кој ја опкружува течноста и
течноста преминува во пареа

Имавме и своја точка на вриење
Вриевме од страст
Ти за мене, јас за тебе
Ти во мене, јас во тебе

Гола пред тебе стоев
Стоев немо и те гледав
Гола до кожа
И со гола душа
Соголена до срж
Оти поголо од гола душа нема
Немаш што да соголиш
Немаш што да соблечеш
Душава ја зема
Телово го зема
Сè ми зема

Не, не
Ставам точка.

И точка.