Tuesday, April 25, 2017

Не, не, не е ни ова мисла од Руми

Кога љубиш, љуби со затворени очи.
Така можеш и да сонуваш.
Не, не, ова не е мисла од Руми.
Љубиш и сонуваш. Две во едно. Како нес кафе.
Само бираш. Кафе и млеко или кафе и шеќер.
Сонувам јас и со отворени и со затворени.
А кафето го сакам само со пена од млеко.
Си ги загризав усниве силно
Со катник си зарив во месото
Од црвена модра боја доби
И крв шика на сите страни
И после една точка се стори
Закоравена. Ко рана.
И сега црвениот кармин нема поента.
Па, не се става црвен кармин на гризната усна.
И ,,дојди” не можам да ти кажам.
Оти ако дојдеш и ја затвориш вратата
и ако се размачка траги од крв ќе се видат.
Ќе треба да пиеш од мојата крв.
Дел од мене ќе имаш во себе.
Ме слушаш ли?
Дел!
Ако вртиш нова страница, важно е и тефтерот да го смениш.
Нова страница, нов тефтер.
Не, не, не е ни ова мисла од Руми.
Оти стариот испишан е. И нема место.
Нема место за гризнати усни и крв.
Торент за љубов има некаде?
Даунлоад ми треба. Со превод како упатство.
Оти до сега без упатство доаѓаше
И некако се губев. Лост ин транслејшн.
Или не знам. Погрешен торент можеби имав симнато.
Некои од најубавите моменти во животот се оние за кои никому не си кажал.
Не, не, не е ни ова мисла од Руми.
Ако кажеш некому сè се разводенува.
И не е исто. Ги делиш и веќе не се само твои.
А ако не се само твои, безвредни се.
А да, и боли уште од загризот.
Да не мислиш така поминува?!
И долго ќе треба да пиеш од мојата крв.
Дел ќе имаш.
Убаво е да гледаш луѓе како се смеат.
Уште поубаво ако ти ги смееш.
Не, не, не е ни ова мисла од Руми.
Ги смееш. Ти пука закоравената рана.
Пак шика крв. Ма ич нe ми е гајле. Важно се смеете.
Ставам слушалки. Оние заплетканите, пак.
Tom Waits: ‘’Hope I don’t fall in love with you’’.

Tuesday, April 11, 2017

Иде нова пролет

И сѐ ми мириса на свежо искосена трева
Која ги буди сите заборавени сетила
Ги буди и сите заборавени светови
Закопани некаде далеку
Далеку во длабочината на сивото небо
Кое полека ја менува својата боја

И сѐ ми мириса на свежо искосена трева
Од која те реже грлото
Од која знаеш дека постојано ќе киваш, а сепак убаво ти е
Од која ти доаѓа да замислуваш свежи утра
Топло кафе на масата
Буба мара на прстот
Добредојде драг гостину...

И сѐ ми мириса на свежо искосена трева
И мислам дека ја чувствувам со ушите, со носот, со устата, со очите
Со кожата го впивам нејзиниот мирис
И го примам вкусот нејзин
Свеж вкус
Вкус на свежо искосена трева
Во умот ми влага
И секое невронче го чепка
Онака лагодно, скокотливо
Умот ми го зема
Со мирис и вкус

И сѐ ми мириса на свежо искосена трева
Зелена, јадра, собрана на купчиња
И умот ми го зема
До лудило понекогаш

Иде нова пролет.