Thursday, October 26, 2017

Љубоф со Ф


Пребарувајќи по ранецот
Најдов цртеж од ќерка ми
Ми го подари.
За тебе мамо, рече.

Во левиот агол стои напишано љубоф
Љубоф со ф
Има седум години.
Потоа контура на човек
И што му се  случува кога чувствува љубоФ
И каде чувствува љубоФ

Околу главата наредени сонце, месечина и планети.
Се вртат планетите, ми објасни.
Во рацете срциња
Во градите срце
Во стомакот срце и пеперутка
Срциња на колената
Така било кога си заљубен.

Низ глава ми пројде се што чувствував за тебе
Од вртење на планети
До клецкање на колената.
И секогаш само малку ми требаше за среќа
Многу малку љубоф со Ф
Или љубов со В
Сеедно
Важно ми беше да е љубов
Многу малку.

ЉубоФ.

Friday, August 11, 2017

Точка

Точка
Ставив точка
Мојата точка малку различна е
Наликува на запирка, оти моливот секогаш надолу влече една цртка.
Не сакам да е така
Ви се колнам
Само сакам точка да ставам
Јасна точка
Обоено кругче внатре
Да затворам страница
Тефтерот да го затворам
Чувствата да ги затворам.
И после точката да немаат каде

Еден тон нешта раскажав за тебе
Пишував и пишував
За сите тишини и бури
Го сменив и моливот
Пробав
Не оди

Точка на вриење
Тоа е температура на која парниот притисок на течноста
е еднаков со притисокот кој ја опкружува течноста и
течноста преминува во пареа

Имавме и своја точка на вриење
Вриевме од страст
Ти за мене, јас за тебе
Ти во мене, јас во тебе

Гола пред тебе стоев
Стоев немо и те гледав
Гола до кожа
И со гола душа
Соголена до срж
Оти поголо од гола душа нема
Немаш што да соголиш
Немаш што да соблечеш
Душава ја зема
Телово го зема
Сè ми зема

Не, не
Ставам точка.

И точка.

Monday, July 17, 2017

Ќе си премолчиме сè што не сме си кажале

И кога сè ќе се смири
И кога мозоков од пивтија повторно се дели на сива и бела маса
И кога ќе си ветам дека нема веќе никогаш да бидеш дел од мене
Дека ќе те нема во ниту една мозочна ќелија
Ти доаѓаш нечујно
со збор, два, сосема небитни
За мене космос еден цел
И бура носиш повторно
Бура, чиниш крај на светот иде

Немам сила, ти велам. Немам.

А знам, сè ќе остане во тишина
Ќе си премолчиме
А сме мислеле,
Ноќи си ме мислел и денови, и цели деноноќија, знам
А јас секоја мисла во стих ја претворив
За кога ќе те нема да те има
Да те опипам на хартија

Оти знам дека ќе си премолчиме
И никогаш нема да се прегрнеме
А копнееме.
И нема да се почувствуваме
А копнееме.
И нема да се имаме
А копнееме.

Monday, June 12, 2017

Ти повеќе од молчење не знаеш

Ти повеќе од молчење не знаеш.
Не, не знаеш и не се расправај со мене.
Меѓу сите вистини и невистини беше тука
Меѓу сиот оган со сите распламтени јазици
Како привид чинам
Оти само привидот не зборува и како бледа сенка се движи

И донесе светли сонца и темни облаци
И дождови поројни од кои ти кисне душата
Ти кисне срцето  и не знае каде да тера
Ни лево ни десно
Ни горе ни долу

И дали како  феникс да исчезнам
во пламени јазици
и дали повторно да се вратам
 Да се  родам од пепел
Феникс кој се вивнува угоре
И не се сопира
Оти негов  е небесниот свод, и сите ветрови и сите неба
И сите сонца
И сите мои мисли и воздишки за тебе се бесмртни
Како феникс

Ти повеќе од молчење не знаеш

Не, не знаеш и не се расправај со мене.

Friday, May 12, 2017

Еднаш ти ми рече дека имам убави очи

Еднаш ти ми рече дека имам убави очи.
И потем тишина.
Тишина која што би убила и мртов човек....
и врисок на мртов човек.
Врискам тивко за да не ме чуе никој.
Па ни ти.
Пробувам да го разберам хаосот. Твојот.
Јас ни својот не го разбирам, а не па твојот.
Универзумски хаос
Ко избезумена комета која се движи со енормна брзина
Итајќи да погоди кај што најмногу боли
Итајќи да ми го замати умов
Универзумски хаос

Еднаш ти ми рече дека имам убави очи
Како во крпче си ги врзав зборовите твои
и си го ставив во скришниот џеб од панталоните
Припиено до телото да стои

И што имам сега јас? Кажи ми, што имам?
Грст зборови кажани, недокажани
Заматен ум
И хаос. Хаос распослан во утрата, во сите пладниња и попладниња, во сите ноќи.

Здогледав глуварче. Среде зелена трева. Само, осамено.
Не, не треба глуварче да се вика, туку пораконосец.
Дувнав силно
Милијарда пораки во непознат правец одлетаа да те бараат тебе
Да ти кажат да дојдеш

И да ми кажеш дека имам убави очи.

Tuesday, April 25, 2017

Не, не, не е ни ова мисла од Руми

Кога љубиш, љуби со затворени очи.
Така можеш и да сонуваш.
Не, не, ова не е мисла од Руми.
Љубиш и сонуваш. Две во едно. Како нес кафе.
Само бираш. Кафе и млеко или кафе и шеќер.
Сонувам јас и со отворени и со затворени.
А кафето го сакам само со пена од млеко.
Си ги загризав усниве силно
Со катник си зарив во месото
Од црвена модра боја доби
И крв шика на сите страни
И после една точка се стори
Закоравена. Ко рана.
И сега црвениот кармин нема поента.
Па, не се става црвен кармин на гризната усна.
И ,,дојди” не можам да ти кажам.
Оти ако дојдеш и ја затвориш вратата
и ако се размачка траги од крв ќе се видат.
Ќе треба да пиеш од мојата крв.
Дел од мене ќе имаш во себе.
Ме слушаш ли?
Дел!
Ако вртиш нова страница, важно е и тефтерот да го смениш.
Нова страница, нов тефтер.
Не, не, не е ни ова мисла од Руми.
Оти стариот испишан е. И нема место.
Нема место за гризнати усни и крв.
Торент за љубов има некаде?
Даунлоад ми треба. Со превод како упатство.
Оти до сега без упатство доаѓаше
И некако се губев. Лост ин транслејшн.
Или не знам. Погрешен торент можеби имав симнато.
Некои од најубавите моменти во животот се оние за кои никому не си кажал.
Не, не, не е ни ова мисла од Руми.
Ако кажеш некому сè се разводенува.
И не е исто. Ги делиш и веќе не се само твои.
А ако не се само твои, безвредни се.
А да, и боли уште од загризот.
Да не мислиш така поминува?!
И долго ќе треба да пиеш од мојата крв.
Дел ќе имаш.
Убаво е да гледаш луѓе како се смеат.
Уште поубаво ако ти ги смееш.
Не, не, не е ни ова мисла од Руми.
Ги смееш. Ти пука закоравената рана.
Пак шика крв. Ма ич нe ми е гајле. Важно се смеете.
Ставам слушалки. Оние заплетканите, пак.
Tom Waits: ‘’Hope I don’t fall in love with you’’.

Tuesday, April 11, 2017

Иде нова пролет

И сѐ ми мириса на свежо искосена трева
Која ги буди сите заборавени сетила
Ги буди и сите заборавени светови
Закопани некаде далеку
Далеку во длабочината на сивото небо
Кое полека ја менува својата боја

И сѐ ми мириса на свежо искосена трева
Од која те реже грлото
Од која знаеш дека постојано ќе киваш, а сепак убаво ти е
Од која ти доаѓа да замислуваш свежи утра
Топло кафе на масата
Буба мара на прстот
Добредојде драг гостину...

И сѐ ми мириса на свежо искосена трева
И мислам дека ја чувствувам со ушите, со носот, со устата, со очите
Со кожата го впивам нејзиниот мирис
И го примам вкусот нејзин
Свеж вкус
Вкус на свежо искосена трева
Во умот ми влага
И секое невронче го чепка
Онака лагодно, скокотливо
Умот ми го зема
Со мирис и вкус

И сѐ ми мириса на свежо искосена трева
Зелена, јадра, собрана на купчиња
И умот ми го зема
До лудило понекогаш

Иде нова пролет.

Tuesday, January 3, 2017

Со тебе никогаш не доживеав оргазам

Со тебе никогаш не доживеав оргазам.
Ни најмал.
Ниту љубов. Ти ја немаше. А јас те сакав.
Со огнови те сакав. Огнови со распламтени јазици.
Што фрлаат на сите страни
Што голтаат сè.

Со голтната душа сум сега.
И голтнато срце.

Со тебе сè беше различно и истовремено исто.
Со тебе никогаш не доживеав оргазам.
Странци.
Ние двајца странци бевме.
Тоа и останавме.
Со сите споделени тајни и зборови
и насмевки
и погледи
и воздишки
и планови
и лудости
и испотени тела
Со сите испушени цигари
Странци.

Само кога не доживував оргазам не бевме странци.
Само тогаш не бевме.
Тогаш бевме едно.
Неоргазмично едно тело.
Возбудено до лудило неоргазмично едно цело.

Неоргазмични странци.
Оргазмични  нестранци.
Само тоа сме.

Странци.