Thursday, October 26, 2017

Љубоф со Ф


Пребарувајќи по ранецот
Најдов цртеж од ќерка ми
Ми го подари.
За тебе мамо, рече.

Во левиот агол стои напишано љубоф
Љубоф со ф
Има седум години.
Потоа контура на човек
И што му се  случува кога чувствува љубоФ
И каде чувствува љубоФ

Околу главата наредени сонце, месечина и планети.
Се вртат планетите, ми објасни.
Во рацете срциња
Во градите срце
Во стомакот срце и пеперутка
Срциња на колената
Така било кога си заљубен.

Низ глава ми пројде се што чувствував за тебе
Од вртење на планети
До клецкање на колената.
И секогаш само малку ми требаше за среќа
Многу малку љубоф со Ф
Или љубов со В
Сеедно
Важно ми беше да е љубов
Многу малку.

ЉубоФ.

No comments: